Заврши вториот менторски циклус за унапредување на отвореноста и транспарентноста на општините во Република Северна Македонија, со посебен фокус на спроведување онлајн јавни консултации на локално ниво. Поддршката беше обезбедена за 10 општини од сите осум плански региони, во кои дигиталната алатка мЗаедница веќе се користи или е во фаза на планирана имплементација.

Менторската поддршка беше реализирана надоврзувајќи се на првиот менторски циклус спроведен со избрани општини.

Во процесот на јакнење на капацитетите на општинската администрација за проактивно објавување информации, зголемување на транспарентноста и отвореноста, како и надминување на идентификуваните предизвици за поинформирано и активно граѓанско учество во локалното одлучување, беа вклучени општините: Кочани, Крива Паланка, Валандово, Аеродром, Демир Хисар, Гостивар, Неготино, Струга, Штип и Куманово.

Активностите се спроведуваа онлајн во периодот ноември 2025 – февруари 2026 година, врз основа на методологија за јакнење на капацитетите на општините, развиена согласно Индексот на отвореност на локалната самоуправа. Фокусот беше ставен на систематизација и приоритизација на јавно достапните информации според резултатите и препораките од Индексот на отвореност (2025), како и на воспоставување и унапредување на онлајн јавните консултации.

Крајната цел на менторската поддршка е создавање на обучени јавни службеници кои ќе можат самостојно и континуирано да работат на унапредување на отвореноста и транспарентноста на своите општини и на одржливо воведување онлајн јавни консултации на локално ниво.

Оваа активност е дел од проектот (ДИГИЛОК) Дигитална трансформација на локално ниво – Вклучена заедница за отпорност на корупција кој е поддржан од Владата на Швајцарија преку Цивика мобилитас. Партнери на проектот се Фондација за Интернет и општество Метаморфозис, Рурална Коалиција и Центар за социјални иновации Блинк 42-21.

Сподели: